Лидерите на Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Полска, Финска, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во заедничка изјава во врска со решавањето на украинската криза нагласија дека остануваат посветени на принципот дека меѓународно признатите граници не можат да се менуваат со сила и дека сегашната линија на поделба треба да биде почетна точка за преговори.
Лидерите изјавија дека „патот кон мирот“ во Украина не може да се одреди без учество на Киев и дека преговорите можат да се водат само под услови на прекин на огнот или намалување на непријателствата.
Убедени сме дека само сеопфатен пристап што ги комбинира активната дипломатија, континуираната поддршка за Украина и притисокот врз Руската Федерација за прекин на војната може да донесе резултати – се наведува во заедничката изјава.
Според соопштението, европските земји изразуваат подготвеност да ги поддржат овие напори не само дипломатски, туку и преку продолжување на воената и финансиската помош за Украина, вклучително и активностите во рамките на „Коалицијата на волјата“, како и преку одржување и евентуално воведување дополнителни рестриктивни мерки против Руската Федерација, пренесува Ројтерс.
На потпишувањето на изјавата му претходеше состанок посветен на војната во Украина, чии домаќини беа британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами и потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Џ.Д. Венс.
Средбата меѓу Венс и Лами со украински претставници и советници за национална безбедност на земјите-членки на ЕУ и НАТО беше организирана на барање на САД, објави Би-Би-Си, наведувајќи дека Лами рекол дека „поддршката на Обединетото Кралство за Украина останува непоколеблива во нејзините напори за постигнување праведен и траен мир во Украина“.
На состанокот присуствуваа Рустем Умеров, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Андриј Јермак, началник на кабинетот на претседателот Зеленски, како и претставници од Велика Британија, САД, Франција, Германија, Италија, Финска и НАТО.
Средбата се одржа откако претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, објави дека ќе се сретне со претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, во Алјаска на 15 август, со цел да се постигне договор за прекин на војната во Украина и неговата изјава дека крајот на три и полгодишната војна меѓу Русија и Украина ќе мора да вклучува „одредена размена на територии“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина не може да го крши својот Устав кога станува збор за територијални прашања, со порака дека „Украинците нема да ја дадат својата земја на окупаторите“.