Евростат: Највисок раст на заработката остварија Бугарија и Унгарија, најнизок раст во Франција

Во вториот квартал од оваа година, трошоците за труд во ЕУ се зголемија за четири проценти во споредба со истиот период минатата година. Во исто време, растот на трошоците за труд во еврозоната се зголеми за 3,6 проценти, соопшти Евростат, статистичката агенција на ЕУ.

Платите во ЕУ најмногу се зголемија во градежниот сектор, за 4,8 проценти, во услугите за 4,6 проценти и во индустријата за 3,9 проценти.

Во исто време, заработката, или платите по час, се зголемија за 8,9 проценти во секторот професионални, научни и технички активности и за 6,7 проценти во рударството.

Гледано по земји, највисок раст на платите на годишно ниво е регистриран во Бугарија – дури 13,2 проценти. Унгарија е втора со раст на платите од 10,9 проценти, а Романија е трета со 10,4 проценти.

Генерално, зголемувањето на платите е значително поголемо во земјите-членки на ЕУ од централна и источна Европа отколку на запад.

Најнизок раст на платите, со помалку од два проценти на годишно ниво, беше во Франција – 1,4 проценти.