Во земјите на Европската унија и Велика Британија, во периодот јануари-јуни годинава, азил побарале 16.500 албански државјани, се наведува во извештајот на Агенцијата за азил на Европската унија (ЕУАА).
„Од вкупниот број, 4.779 барања за азил се во земјите на ЕУ, од кои 3.602 првпат. Според агенцијата, 3.444 поднесени барања во текот на изминатите години чекаат да бидат разгледани, додека од 4.642 донесени решенија, стапката на позитивни одлуки е многу ниска за албанските граѓани и не надминува еден отсто“, јавија албанските медиуми.
Трендот на барања за азил на Албанците и понатаму останува многу висок во споредба не само со земјите од регионот, туку и пошироко.
Според статистиката на Европската агенција за азил, во 2022 година во земјите на Европската унија биле регистрирани 13.043 барања за азил од албански државјани, од 11.210 колку што биле регистрирани во 2021 година и 6.498 во 2020 година.
Според британските власти, пак, за првите шест месеци од годинава барања за азил поднеле 11.790 албански државјани, што ја потврдува промената на определбата на албанските граѓани да се пренасочат од Европа кон Велика Британија. Со тоа Албанците се на прво место по барања за азил, со што ги надминале граѓаните од Авганистан, кои се на второ место.