Холивудската актерка Дру Баримор признала дека би сакала нејзината мајка да е мртва. Дру ја откри оваа болна вистина додека го опишуваше своето бурно детство и нејзината долгогодишна борба растејќи со нејзината мајка Џејд.
Да потсетиме, таа претходно многу отворено зборуваше за тоа како нејзината мајка ја „експлоатирала“ уште од мали нозе, носејќи ја по холивудските забави и ноќни клубови.
Познатата 48-годишна глумица во една прилика признала дека првиот алкохолен пијалок го испила на осум години, а дека кокаин првпат пробала на 12 години!
“Не можам да дочекам да ја нема мајка ми“, изјави таа за магазинот „Њу Јорк“, позирајќи за неговата насловна страница, додавајќи дека им завидува на своите пријатели кои ги изгубиле родителите.
„Сите нивни мајки веќе не се меѓу живите, но мајка ми е. Јас го немам тој луксуз. Но, не можам повеќе да чекам“, додала таа.
Дру објасни дека „не сака да живее во состојба во која му посакува на некој смрт пред тоа да му биде судено, за да може да продолжи понатаму“. „Всушност јас сакам таа да биде среќна, да напредува и да биде здрава. Но јас проклето морам да растам и да продолжам понатаму и покрај нејзиното присуство на оваа планета“, рече таа.
Подоцна во интервјуто, Дру истакна дека жали што дава такви коментари за нејзината мајка, истовремено тврдејќи дека таа сè уште се грижи за неа и покрај нивното бурно минато и турбулентната врска.
„Не се чувствував добро што го кажав тоа. Јас навистина се грижам. Не знам дали некогаш сум знаела како целосно да се заштитам, да се затворам, да не чувствувам, да кренам ѕид“, рече таа.
Дру во неколку наврати ја кажувала вистината за нејзиното тешко воспитување – нејзиниот татко, актерот Џон Дру Баримор бил насилен и алкохоличар и го напуштил семејството додека таа била уште млада. Таа верува дека Џејд, нејзината мајка, не била подготвена да ја воспитува сама, па кога имала 13 години била испратена во психијатриска установа каде поминала 18 месеци.
Холивудската ѕвезда вели дека повеќе не ја обвинува мајка си за сите лоши работи што и се случиле: „Свесно избирам да не го гледам мојот живот како тоа што ми беше направено. Сакам да го гледам низ призмата на она што јас самата направив и избрав да го направам. Не ме привлекуваат луѓе кои ги обвинуваат другите. Не го сметам тоа секси или мудро“.
Но, таа денес вели дека жали што не била поемпатична кон помладата верзија на себе. „Кога конечно ќе си дадам проклета пауза? Како би изгледало да бидам емпатична кон тоа мало девојче? Цел живот сум била циркуска мечка. Се колнам во Бога, ако директорот на циркусот излезе од шаторот, јас би ја преземала неговата улога и би започнала нешто како камшикување сама на себе“, рече таа.
Дру зборуваше за „Гардијан“ во 2015 година, откривајќи дека како мало девојче се чувствувала „ужасно лошо“ и „осамена“ и дека била „многу лута“ затоа што нејзините родители не биле тука за неа.
„Кога имав 13 години, веројатно тогаш беше најлошото. Знаев дека сум навистина сама и дека е страшно. Тоа беше време кога бев многу бунтовна. Бев многу, многу лута. Тоа беше затоа што моите родители не беа тука. Мислам, родената мајка ме стави во институција. Тоа беше како камп за обука и сериозен тренинг за регрутација, беше ужасно и мрачно и многу долготрајно. Тоа траеше една и пол година, но мене ми изгледаше многу долго. Ми беше потребна таа луда дисциплина. Мојот живот не беше нормален. Не бев дете во училиште со нормални околности. Пораснав во многу ненормални услови и ми требаше сериозен пресврт. За мене беше важно се тоа да го доживеам. Беше многу понижувачки, многу тивко. Но на крајот, можеби тоа ми требаше, бидејќи од таму излегов како личност со многу почитување. Моите родители не ме научија на тоа, а ни животот не ме научи на тоа“, изјави таа за споменатиот магазин.
На прашањето дали во тоа време се чувствувала „искористена“ од родителите, таа одговорила потврдно. „Па, да, мислам од страната на мајка ми“, кратко прокоментира таа.