Иако Русија претрпе илјадници жртви во војната против Украина, највисокиот американски воен командант во Европа, Кристофер Каволи, во средата им порача на конгресмените дека сè уште Русите имаат многу воена моќ во нивниот арсенал.
„Руските копнени сили донекаде се уназадија од овој конфликт, иако денес се поголеми отколку што беа на почетокот на конфликтот“, порачал генералот Кристофер Каволи, командант на европската команда на САД, пред Комитетот за вооружени сили на Претставничкиот дом.
„Воздухопловните сили изгубија многу малку, изгубија 80 авиони. Имаат уште 1.000 ловци и ловци-бомбардери“, кажал тој и додал: „Морнарицата загуби еден брод“.
Класифицираните воени документи кои неодамна беа јавно објавени, обезбедија слика за тоа каде руските копнени сили се во војната. Во еден документ, датиран од февруари и март, се наведува дека 527 од 544 достапни руски баталјони се вклучени во војната против Украина. 474 од нив веќе се во земјата, се вели во тајните документи.
Еден документ, исто така, проценува дека меѓу 35.000 и 43.000 руски војници биле убиени во акција за време на конфликтот.
Овие загуби неодамна беа особено тешки во битката за Бахмут. Во вторникот, портпаролот на источната група на Вооружените сили на Украина соопшти дека Русија ги концентрира сите свои сили на Бахмут и всушност не спроведува толку силни борбени операции никаде на друго место во нашата оперативна зона на одговорност.