– Албанскиот премиер Еди Рама денес изјави дека силата на Војската на Србија на границата со Косово е „еднаква на нула“ и дека не може да направи ништо за развојот на ситуацијата во Косово.
Рама ги коментираше тензиите на северот на Косово во обраќањето пред новинарите на Форумот за глобална безбедност во Братислава (GLOBSEC).
Тој изјави дека распоредувањето на Војската на Србија на границата со Косово е слично на распоредувањето на мексиканската војска на границата со САД.
„Ова е како мексиканската војска да се појави на американската граница, што можат да направат? Извинете, го сакам Мексико, но што може да направи? Ништо, апсолутно ништо. Се работи само за внатрешна политика. Она што се случува на северот на Косово е во голема мера поврзано со внатрешната политика“, рече Рама.
Во исто време високиот комесар за надворешна политика и безбедност на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, се сретна со премиерот на Косово, Албин Курти.
„Моментната ситуација е опасна и неодржлива. Потребна ни е итна деескалација и решение преку дијалог“, изјави Борел по средбата.