Еднаш ги отвори границите, сега сака да ги затвори – изненади Меркел со изјавата за миграциската политика

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел поддржува поостра миграциска политика што планира да ја спроведе следната влада на ЦДУ/ЦСУ и СПД.

Политичарката на ЦДУ, која ги отвори границите за повеќе од милион баратели на азил за време на мигрантската криза во 2015 година, сега во интервју за јавниот сервис Deutschlandfunk изјави дека, со одредени промени, и таа следела слична политика.

Според Меркел, постојат разлики во „дикцијата и тонот“ меѓу миграциската политика на нејзината претходна влада и онаа што сега ја поддржува идниот канцелар Фридрих Мерц, но во суштина тоа е иста работа – „ако погледнете внимателно“.

Таа тврдеше дека самата ја поддржува борбата против илегалната миграција, казнувањето на трговците со луѓе, а исто така не сака мигрантите да си ги ризикуваат животите на патот. Според нејзиното мислење, во ред е да им се одбие влез на барателите на азил на германската граница, по консултација со соседите.

„Миграциското прашање нема да се реши на германско-австриската граница, туку идеално на надворешните граници на Европа“, рече Меркел, цитирана од германскиот јавен сервис АРД во емисијата Тагесшау.

Меркел ги коментираше и актуелните преговори за формирање нова влада. Таа рече дека е задоволна од тоа колку малку информации од преговорите меѓу ЦДУ/ЦСУ и СПД станале јавни.

Во врска со Мерц, таа рече дека тој има „апсолутна волја за власт“. „Помеѓу нас беше фактот дека и двајцата сакавме да бидеме лидери“, рече Меркел, потсетувајќи се на нејзината претходна политичка соработка со нејзиниот партиски колега.