Една година по земјотресот во Турција, Ердоган ги предаде клучевите за 7.000 нови домови

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган им ги предаде клучевите од новоизградените домови на граѓаните кои останаа без покрив над главата во разорниот земјотрес пред една година во провинцијата Хатај.

-Денеска во Хатај им ги предаваме клучевите од становите на 7.275 корисници, од кои 6.572 се во нашите провинциски и окружни центри, а 703 се во руралните области, рече Ердоган, јавија турските медиуми.

Тој потсети дека земјотресот на 6 февруари 2023 година предизвика големи разурнувања во 11 провинции, 124 окрузи, 7.000 села и населби, а катастрофата директно погоди 14 милиони граѓани.

Во рамки на градежните работи кои моментално ги изведува во регионот Министерството за животна средина и урбанизација, 110.450 работници работат на околу 930 градилишта во 11 градови погодени од земјотресот.

Во подрачјето погодено од земјотресот во рок од два месеца на корисниците ќе им бидат предадени клучевите од 75.364 домови, а до крајот на годината вкупно 200 илјади.

Според проценката на штетите во 11-те градови погодени од земјотресот, вкупно 850 илјади единици, од кои 680 илјади домови и 170 илјади комерцијални објекти, биле сериозно оштетени и неупотребливи.

Штетата предизвикана од земјотресот беше проценета на 104 милијарди долари, додека повеќе од 53 илјади луѓе загинаа.