Почетокот на новата учебна година носи наплив на одговорности за родителите. Купувањето училишен прибор и облека, пополнувањето формулари и организирањето на сè што е потребно за да се подготват децата за училиште се главни грижи во овој период. Но, со целиот фокус на опремата и подготовката, лесно е да се превиди нешто подеднакво важно, според професорот по психологија и истражувач д-р Џејмс Павелски и советничката Сузи Пилеџи Павелски.
„Клучна навика што не смееме да ја изгубиме од вид е охрабрувањето на децата да градат здрави и искрени пријателства. Токму оваа врска носи чувство на прифаќање и разбирање, им помага да развијат отпорност и им обезбедува поддршка во годините кога им е најпотребна. Во време кога многу млади луѓе страдаат од осаменост, инвестирањето во врски станува клучно“, објаснуваат д-р Џејмс и Сузи за Psychology Today.
Пријателствата носат важни придобивки – го намалуваат стресот, го зголемуваат задоволството од животот и помагаат во учењето вештини како што се соработка, компромис и комуникација.
„Тие се поврзани и со подобри академски резултати и помалку анксиозност. Раните социјални врски имаат долгорочен позитивен ефект, а преку нив децата стекнуваат вредности како што се довербата и чесноста“, истакнуваат експертите.
Конечно, важно е да се запомни дека ни се потребни пријателства на секоја возраст.
,,Во овој период на подготовка за училиште, не треба да заборавиме колку се посилни врските од кој било предмет или активност. Без разлика дали имаме седум или седумдесет години, пријателствата се основа на нашата благосостојба и инвестирањето во нив секогаш се исплати“, заклучија д-р Џејмс и д-р Сузи.