Илон Маск ја обвини фондацијата на Џорџ Сорос дека сака да ја уништи западната цивилизација. Милијардерот ова го изјави за време на подготовките за средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Калифорнија, пишува весникот The Guardian.
Изјавата на Илон Маск е одговор на една објава на социјалната мрежа Х (Твитер), во која е споделена фотографија од мигранти од Африка кои пристигнуваат со брод на италијанскиот остров Лампедуза. Заедно со фотографијата, корисникот го објавил текстот: „Инвазија предводена од Џорџ Сорос“.
„Организацијата на Џорџ Сорос се чини дека сака уништување на западната цивилизација“, напиша Илон Маск во одговор на објавата.
Џорџ Сорос, унгарско-американски бизнисмен и филантроп, е честа жртва на различни, честопати антисемитски, теории на заговор.
Неговата Фондација „Отворено Општество“, која ги поддржува граѓанските организации, вклучително и оние кои се занимаваат со благосостојбата на мигрантите, бегалците и барателите на азил, е честа цел на екстремно десничарските активисти.
Илон Маск беше обвинет од некои граѓански организации за поддршка на антисемитизмот на неговата социјална мрежа, но тој тоа го негира. Илон Маск ќе се сретне со Бенјамин Нетанјаху во понеделник за да разговара со него за вештачка интелигенција.
Сепак, Washington Post минатата недела објави дека средбата меѓу американскиот милијардер и израелскиот премиер е нов чекор во напорите на еврејските пријатели и сојузници на Илон Маск да ги одбијат зголемените критики за антисемитските објави на социјалната мрежа Х.
Илон Маск се закани дека ќе ја тужи АДЛ, американска граѓанска организација која се бори против антисемитизмот и фанатизмот, и ги обвини дека се обиделе да ја „убијат“ неговата социјална мрежа Х со лажно обвинување за антисемитизам.
Групите на граѓанското општество, вклучително и Центарот за спречување на онлајн омраза и АЛД, ги објавија своите наоди кои покажуваат дека количината на говор на омраза значително се зголемила на социјалната мрежа откако Илон Маск ја презеде власта.