Иако зборот „бактерии“ честопати има негативна конотација, научниците истакнуваат дека здравите цревни бактерии се исклучително важни. „Цревните бактерии се милионите микроби што живеат во вашите црева. Тие помагаат во варењето на храната, произведуваат витамини, го поддржуваат имунитетот и штитат од штетни бактерии“, објаснува лекарот д-р Јошуа Кинонес за Parade.
Лекарите предупредуваат дека една честа навика може да ја наруши рамнотежата на овие бактерии – прекумерната употреба на средство за дезинфекција на раце. „Тоа можеби звучи како добра работа, но одредена изложеност на микроби всушност помага во градењето и поддршката на имунитетот и разновидноста на микробиомот“, вели д-р Раџ Дасгупта.
Тој додава дека дезинфекциските средства со висока содржина на алкохол ја сушат и ја оштетуваат кожата, што исто така го нарушува нејзиниот микробиом.
Еден истражувачки преглед, исто така, ја поврза прекумерната употреба на средства за дезинфекција со поголем ризик од гастроинтестинални заболувања
Последиците можат да се пренесат и на цревата бидејќи, како што нагласува д-р Кинонес, „ако претераме со средства за дезинфекција, можеме да уништиме и корисни микроби на кожата, со што ќе се намали разновидноста на цревниот микробиом и имунолошкиот отпор“.
Алергологот и имунолог д-р Кара Вада предупредува дека намалувањето на добрите бактерии може да доведе до алергии, автоимуни заболувања и метаболички проблеми. Истражувачки преглед од 2024 година, исто така, ја поврза прекумерната употреба на средства за дезинфекција со поголем ризик од гастроинтестинални заболувања и кожни состојби како псоријаза и акни.
Затоа лекарите препорачуваат ограничена употреба – д-р Хесус Л. Лизарзабуру советува да не се користи средство за дезинфекција повеќе од 10 до 15 пати на ден.
,,Сапунот и водата се секогаш подобар избор“, истакнува д-р Вада, додавајќи дека сапунот ги отстранува нечистотијата и бактериите, додека средствата за дезинфекција делуваат така што ги убиваат, без да прават разлика помеѓу добри и лоши бактерии.
Лекарите велат дека е најдобро да се користи средство за дезинфекција само кога сапун и вода не се достапни, како на пример по допирање на јавни површини или пред јадење.