Секое новороденче чии родители се жители на општина Зрновци ќе добие еднократна финансиска помош од пет илјади денари што ќе се исплаќаат од буџетот на Локалната самоуправа.
Поддршката е во рамки општинскиот правилник за утврдување на критериумите за исплата на еднократна парична помош за новородени деца, за што едногласна поддршка даде општинскиот Совет. Целта е да се влијае врз подобрувањето на демографската состојба на локално ниво.
-Советот на Општината одобри во текот на оваа година да се доделува финансиска поддршка за секое првороденче, но и за секое новородено дете во висина од пет илјади денари. Согласно одредбите во Правилникот, право на користење на помошта имаат само лицата кои се жители на населените места во нашата општина. Притоа, во условите е наведено дека и двата родитела треба да имаат жителство овде, истакна Виктор Анакиев, претседател на Советот на Општина Зрновци.
Како рурална општина Зрновци е една од најмалите во државата, а според пописот на населението од 2021 година, во трите населени места што се во нејзин состав, живеат нешто повеќе од две илјади жители.
Според податоците од Државниот завод за статистика во 2022 година во општината биле евидентирани 13 новородени деца, а минатата година првото новороденче се роди дури во октомври.