Примероците од почвата од површината на Месечината доведоа до важно откритие и поттикнаа надежи за постојано човечко присуство на Месечината.
Научниците тврдат дека стаклените зрна расфрлани на површината на Месечината потенцијално кријат милијарди тони вода што може да се извлечат за астронаутите на идните мисии на Месечината.
Откритието се смета за едно од најважните досега, особено за вселенските агенции кои планираат да изградат бази на Месечината , бидејќи тоа значи дека човештвото има широко достапен извор не само на вода, туку и на водород и кислород.
„Дојдовме до едно од највозбудливите откритија “, вели Махеш Ананд, професор по планетарна наука и истражување. „ Со ова откритие, потенцијалот за истражување на вселената на одржлив начин е поголем отколку што бил досега“ .
Ананд и тим кинески научници анализираа мазни стаклени монистра од примероци од лунарната почва вратени на Земјата во декември 2020 година од кинеската мисија Chang’e-5 . Глобулите, со големина помала од еден милиметар, се формираат кога метеороидите ја погодуваат Месечината и испраќаат стопени капки нагоре. Потоа се зацврстуваат и се мешаат со прашина. Тестовите направени на сферите откриваат дека значителна количина на вода ја покрива површината на Месечината – до 270 милијарди тони.
Сепак, потребна е обработка пред да стигне до водата. „Не може да го истресете материјалот и водата да почне да истекува. Постојат докази дека кога ќе го загреете материјалот над 100 °C, водата потоа излегува и може да се собере“, вели Ананд .
„Ова откритие се надоврзува на растечкиот консензус дека Месечината е побогата со вода отколку што се мислеше “, вели Јан Крафорд, професор на Универзитетот во Лондон. „Дополнителните резервоари со лунарна вода би можеле да бидат многу корисен ресурс во области далеку од претпоставените наслаги на поларен мраз, но количината на присутна вода, која е најмногу 130 ml на кубен метар лунарна почва, не треба да се прецени“ .