И покрај сите апели на локалната самоуправа на Дебар и на Јавното комунално претпријатие „Стандард“ да се внимава каде се фрла отпад со цел заштита на животната средина, сепак продолжува несовесното однесување.
„Деновиве регистриравме навистина, така да ја наречам голема нечовечност, несовесност и негрижа за животната средина. Констатиравме фрлање стари автомобилски гуми на две локации, во близина на брегот на Дебарското Езеро, едно од најубавите делови на градот и под мостот на самиот излез од градот, на патниот правец Дебар – Маврово. Јасно е дека овој неодговорен и осудувачки чин не е направен од луѓе надвор од градот, туку од самите граѓани кои се занимаваат со активности од ваков карактер“, рече за МИА Ана Ализоти, инспектор по екологија при Општината.
Додаде дека се води истрага против непознат сторител, а за случајот е информиран и надлежниот инспекторат, па се очекува со подобрување на временските услови лиценцираната фирма, од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање да ги подигне гумите.
„Апелираме на граѓанска свест и колективна одговорност. Загадувањето на животната средина е сериозно прашање и вакви ситуации не може и не треба да се толерираат“, порача Ализоти.
Апел за совесност редовно упатуваат и од комуналното претпријатие, но за жал дивите депонии во поширокиот регион никнуваат на секој чекор.