Откако „Фокус“ го отвори скандалот Онкологија, во кој ја посочивме разработената криминална шема на Клиниката за препродажба на лекови на црниот пазар, како и начинот на кој се манипулирало со терапијата на пациентите, обвинителството почна предистрага. Главната обвинителка Гоговска-Јакимовска, која го води предметот, првпат излегува во јавност, посочувајќи дека доказите се веќе обезбедени и дека се прави темелна истрага, која е проширена и во Косово и во Албанија. Во интервју за „Фокус“, вели дека се проверуваат голем број медицински истории на пациенти што примале биолошка терапија, потоа историите на сите пациенти што побараа да биде разгледан и нивниот третман поради определени сомненија, како и медицинските истории, кои беа повод за новинарските истражувања. Она што можам да ја уверам јавноста, како надлежен јавен обвинител, порачува таа, е дека кривичен прогон ќе има против сите за кои постојат докази.
Разговараше: Ирена МУЛАЧКА
По повеќе од еден месец, „Фокус“ одлучи да направи интервју со обвинителката Ана Гоговска-Јакимовска во чии раце е предметот „Онкологија“. Иако предметот сѐ уште е во предистрага, па не може да се соопштат конкретни информации, сепак, таа откри одредени сегменти.
Всушност, ги потврди речиси сите информации што досега ги објави „Фокус“, со што ќе почекаме да видиме што на крај ќе произлезе од Основното јавно обвинителство. Во прилог следува интервјуто со обвинителката:
Повеќе од еден месец, јавното обвинителство води предистражна постапка за случајот „Онкологија“. Може ли да ни кажете што откривте?
Предметот е оформен врз основа на вашите новинарски истражувања и не е резултат на претходни криминалистички проверки. Новинарските истражувања даваа индиции за повеќе различни кривични дела на Клиниката за онкологија, вршени во подолг временски период и со можност за вклученост на поголем број лица.
Што конкретно презедовте?
Прва задача на обвинителството беше да се заштитат, да се обезбедат доказите и да се спречи нивно евентуално уништување по објавата на новинарските истражувања на оваа тема. Она што можам да го кажам е дека најголемиот дел од доказите се веќе обезбедени, во тек се вештачења и анализи на компјутерски податоци, на голем број медицински досиеја за третман на пациенти, а се вршат и распити на сите лица што можат со своите сознанија да ѝ помогнат на истрагата.
Кои се вклучени во тимот заедно со вас?
Во предистражните дејствија целосно е вклучен целиот истражен центар на ОЈО Скопје, кој презема голем број дејствија за анализа на доказите. Во јавнообвинителскиот тим, покрај мене е уште една јавна обвинителка од Основното јавно обвинителство Скопје, со огромна поддршка и од основниот јавен обвинител, но и од други колеги во обвинителството.
Во рамките на надлежностите, како орган надлежен за откривање на кривичните дела, постапува и Министерството за внатрешни работи. Единицата за финансиски истраги, по наредба на јавниот обвинител, е задолжена да отпочне финансиска истрага за повеќе лица.
Освен тоа, во постапката директно ги вклучивме ревизорите од Државниот завод за ревизија и стручни лица од Фондот за здравствено осигурување. Се формираше и тим од стручни лица, кои од една страна го анализираат материјално-финансиското работење на Клиниката, а од друга страна помагаат и во анализа на медицинските истории на пациентите.
Пред одреден период објавивме дека на скопска Онкологија биле лекувани и косовски пациенти, од кои дел давале пари на рака, а се лекувале на фиктивни истории на веќе починати пациенти. Што преземавте во тој дел?
ГОГОВСКА-ЈАКИМОВСКА: За еден дел од проверките се обративме и до колегите во Косово за обезбедување определени податоци, а слична комуникација претстои и со обвинителството во Албанија. Обемот на дејствија што се преземаат и бројот на вклучени институции сметам дека јасно покажуваат дека приоритет е темелна истрага, која ќе нѐ донесе до вистината.
Кон колку лица е насочена предистрагата? За кои кривични дела тие може да одговараат?
Ова е веројатно најчестото прашање што го добиваме и едно од потешките за да се даде одговор, без да се загрози постапката. Предистрагата е фаза во која најпрвин се проверува дали во конкретен случај има обележја на кривично дело, а доколку има – кој ги сторил таквите дејствија. Од тој аспект, таа опфаќа широки проверки практично на целокупната работа на Клиниката во одреден временски период.
На што упатуваат првичните докази?
Првичните докази упатуваат на основи на сомнение за кривични дела против здравјето и проневера во службата. Тоа се две линии по кои се движи предистрагата до овој момент. Она што можам да ја уверам јавноста како надлежен јавен обвинител е дека кривичен прогон ќе има против сите за кои постојат докази дека сториле кривично дело.
Со колку медицински истории располагате?
Станува збор за навистина голем број медицински досиеја. Без да навлегувам во конкретни бројки, ќе кажам дека опфатени се сите медицински истории на пациенти што примале имунолошка и биолошка терапија, потоа историите на сите пациенти кои одговорија на повикот на јавното обвинителство и побараа да биде разгледан и нивниот третман поради определени сомненија, историите кои од нивни сознанија ни ги посочува Министерството за внатрешни работи и секако медицинските истории, кои беа повод за новинарските истражувања. Сите овие медицински истории се прегледуваат од стручни лица – технички советници на истрагата.
Постојат ли голем број фиктивни истории, кои подоцна биле злоупотребени?
Еден дел од медицинските истории се веќе издвоени поради сомненија за несовесно лекување и тие ќе се вештачат дополнително од независна релевантна институција. Дали дел од медицинските истории биле фиктивни или злоупотребени е дел од други проверки, кои, исто така, се во тек.
Се правеле ли манипулации со терапиите на болните од карцином?
Еден дел од предистрагата се води и во таа насока. Во вашите новинарски истражувања навистина беа наведени сомненија и за начинот на кој била администрирана терапијата кај пациентите и за наводна препродажба на скапите препарати, дури и во други земји.
Се знае ли каде завршувале лековите од скопска Онкологија?
Сите овие наводи обвинителството ќе ги провери. Во таа насока е и соработката и размената на информации што ја инициравме и со колегите од Косово и од Албанија. Сепак, од причини што ова прашање навистина директно ги засега пациентите, не би сакала да изнесувам детали додека целосно не ги финализираме истражните дејствија. Би апелирала и до останатите чинители на исклучителна одговорност кога се изнесуваат непроверени тврдења во оваа насока.
Инициравте и финансиска истрага. Што опфаќа таа?
Финансиската истрага е еден важен сегмент, кој беше инициран откако се појавија основи на сомнение дека постои можност одредени лица да оствариле имотна корист од препродажба на цитостатици и други препарати.
Затоа, преку Истражниот центар на ОЈО Скопје и Единицата за финансиски истраги при МВР наредивме проверки што треба да покажат дали некое од лицата за кои се појавија индиции во овој предмет има имот кој ги надминува неговите легално стекнати приходи.
Од тие проверки на имотот очекувам да произлезат факти кои директно ќе ѝ помогнат и на криминалистичката истрага во делот на сомненијата за проневера.