– Туристичката компанија Експедија Груп (Expedia Group) ќе отпушти околу 1.500 вработени како дел од својата „организациска и технолошка трансформација“, објави вчера компанијата, јави ДПА.
-Активностите за реструктурирање се очекува да резултираат со намалување на работната сила што ќе влијае на приближно 1.500 вработени и комуникацијата за таквите активности до дел од засегнатите вработени започна на 26 февруари 2024 година, рече компанијата во поднесувањето до Комисијата за хартии од вредност на САД.
Се проценува дека вкупните трошоци пред оданочување и готовинските трошоци поврзани со реструктуирањето, кои се очекува да бидат регистрирани во 2024 година, се движат помеѓу 80 и 100 милиони американски долари.
Овие трошоци првенствено ги опфаќаат бенефициите за отпремнина и компензација на вработените, велат од компанијата.
Претходно овој месец, Експедија Груп објави дека нејзиниот главен извршен директор, Питер Керн, ќе се повлече од позицијата, почнувајќи од 13 мај. Сепак, тој ќе продолжи да ја извршува функцијата заменик-претседател на компанијата.
Керн ќе биде заменет со Аријане Горин, која неодамна беше претседател на Експедија фор бизнис (Expedia for Business).