Во хемиската компанија „Кеми“ во Новара на северот на Италија денеска избувна пожар, а градоначалникот ги предупреди граѓаните да не отвораат прозорци и да не ги напуштаат куќите доколку без потреба.
Фабриката која се занимава со преработка на хемиски растворувачи се наоѓа во индустриската зона Сан Пјетро Моцецо, а голем црн облак се движи во правец на Ломбардија, пренесува Анса.
Според очевидци, се слушнале и експлозии, а целата индустриска зона била евакуирана. Засега нема информации дали има загинати или повредени лица.
– Пожарот што утринава избувна во компанијата во Сан Пјетро Мозец се уште трае, тој е под контрола на пожарникарите, но колоната чад може да создаде ризик од еколошка и здравствена катастрофа. На граѓаните им се препорачува да ги затворат прозорците и доколку не е потребно да останат дома. Се препорачува и децата да останат во училницата со затворени прозорци – рече градоначалникот.
На терен се и екипи на Регионалната агенција за заштита на животната средина АРПА, карабинери и шест противпожарни екипи, како и екипи на брзата помош.
Според „Стампа“, пламените јазици се високи околу педесетина метри, а облакот е видлив на неколку километри. Причината за пожарот засега не е позната.