Демонстрант со палестинско знаме се самозапали пред израелскиот конзулат во Атланта, САД, во петокот, соопшти полицијата, пренесуваат американските медиуми.
Демонстрантот, кој не е идентификуван, е во критична состојба, откри началникот на полицијата Дарин Шиербаум на прес-конференција. Повреден е и обезбедувачот кој се обидел да интервенира.
„Веруваме дека зградата е безбедна и не гледаме никаква закана“, рекол началникот и додал: „Ова беше чин на екстремен политички протест“.
Според информациите, демонстрантот пристигнал пред деловна зграда во која се сместени конзулатот и неколку фирми и се полил со бензин.
„Ние сме тажни поради самозапалувањето на влезот во деловната зграда“, изјавил за ABC News генералниот конзул на Израел за југоисточниот дел на САД, Анат Султан-Дадон и додал: „Трагично е да се види омразата и поттикнувањето против Израел изразени на толку страшен начин. Светоста на животот е нашата најголема вредност“.
Израел ја продолжи својата воена офанзива во Појасот Газа во петокот, откако преговорите за продолжување на еднонеделниот прекин на огнот беа прекинати.
Израел вети дека ќе го уништи Хамас откако милитантната група го нападна јужниот дел на Израел на 7. октомври, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи 240 заложници.
Повеќе од 15.000 жители на Појасот Газа беа убиени за време на израелскиот напад, велат палестинските власти под конторла на Хамас.
Конфликтот предизвика стотици протести и собири низ САД, како за поддршка на Палестинците, така и за Израел.