Европската комисија вчера го објави „Пакетот за проширување“ за 2024 година, кој вклучува и Извештај за напредокот на земјата на европскиот пат. Копии од Извештајот, шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, европскиот амбасадор Михалис Рокас вчера попладне доставени до претседателката Гордана Силјановска Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши и премиерот Христијан Мицкоски, кој беше придружуван од министерот за Европски прашања Орхан Муртезани, додека денеска примерок треба да и биде доставен на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.
Во извештајот се наведува дека земјата континуирано ја нагласува својата политичка посветеност на стратешката цел за интеграција во ЕУ, како и амбицијата да го продолжи процесот на преговори за членство, за што, според ЕК, мора да ги спроведе суштинските реформи поврзани со членството во ЕУ да одржува добри односи со другите земји вклучени во процесот на проширување, како и да продолжи со својот ангажман во регионалните иницијативи.
„Постоечките билатерални договори со соседните земји мора да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија“, се вели во Извештајот.
Во текстот се нагласува дека и покрај обидите не е постигнат напредок во усвојувањето на уставните амандмани.
Во извештајот, исто така, се наведува дека земјата е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и во врска со руската агресија врз Украина, испраќајќи јасен сигнал за нејзиниот стратешки избор да се приклучи на ЕУ и уште еднаш се докажува како доверлив партнер.