Европската комисија ја одобри употребата на вакцината „Абрисво“ на производителот „Фајзер“, наменета за заштита на повозрасни лица и на доенчиња на возраст до шест месеци од болести на долниот респираторен тракт предизвикани од РСВ вирусот.
Како што соопшти денеска Европската комисија, овој тип на вакцини е особено важен имајќи ги предвид зголемените инфекции со РСВ во ЕУ во текот на минатата зима и ќе помогне за зајакнување на имунолошкиот одговор на вирусот.
– Одобрувањето следи по строгата евалуација според механизмот за забрзана проценка на Европската медицинска академија (ЕМА). Имајќи предвид дека спречувањето на инфекција со РСВ кај децата е од голем јавен здравствен интерес, Комисијата го забрза одобрувањето на вакцината, се додава во соопштението.
Американската Администрација за храна и лекови (ФДА) ја одобри употребата на вакцината „Абрисво“ во јуни годинава.
По повод оваа одлука еврокомесарката за здравје и безбедност на храна Стела Киријакидес изјави дека ова е прва РСВ вакцина овластена од ЕУ, која не само што ги штити постарите возрасни лица, туку и доенчињата уште од самото раѓање.
– Во пресрет на претстојната есенска и зимска сезони, оваа вакцина може да помогне да се спречат сериозните последици од РСВ кај некои од нашите најранливи граѓани. Ова е особено важно за нашите деца, бидејќи РСВ е водечка причина за хоспитализација во ЕУ, истакна Киријакидес.
Според неа, одобрувањето на вакцината е доказ дека ЕУ е „решена да се справува со здравствените закани со решителна акција“.
– Со нетрпение очекувам да видам дека земјите членки ќе почнат да ја користат оваа прва вакцина, како дел од нивните национални кампањи за вакцинација, додаде Киријакидес.
РСВ е чест респираторен вирус кој вообичаено предизвикува благи симптоми слични на настинка и повеќето луѓе закрепнуваат во рок од една до две недели, но може да предизвика посериозни последици кај хронично болните, особено кај оние со белодробни или срцеви заболувања и дијабетес. с