Францускиот претседател Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит го поминаа изминатиот викенд на југот на Франција, во познатата претседателска резиденција Форт де Брегансон.
Двојката уживаше во опуштената атмосфера и сончевата светлина на југот на Франција. Претседателот Макрон беше фотографиран на јахта, каде што ја покажа својата завидна физичка форма возејќи џет-ски, додека неговата сопруга Брижит го помина поголемиот дел од времето на горната палуба во друштво на пријатели.
Патем, Форт де Брегансон е средновековна тврдина која се наоѓа на францускиот Азурен Брег, која служи како официјално одморалиште на француските претседатели од 1968 година.
Да ве потсетиме дека во текот на јуни оваа година, Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит го привлекоа вниманието на медиумите поради неколку необични и малку непријатни моменти во јавноста.
Имено, за време на тридневната државна посета на Обединетото Кралство, двојката пристигна на аеродромот Нортхолт на Кралските воздухопловни сили во Лондон. При излегувањето од претседателскиот авион, Макрон се обиде да ѝ помогне на сопругата да се спушти по скалите, подавајќи ѝ ја раката. Сепак, Брижит одлучи да се држи за оградата и го игнорираше неговиот гест. Иако на почетокот дури и не го погледна, набрзо му се насмевна.
Слична ситуација беше забележана претходно оваа година во Ханој, Виетнам, кога камерите го фатија моментот кога Брижит, веднаш по слегувањето од авионот, го зграпчи Макрон за лицето со двете раце и го турна назад. Претседателот потоа се обиде да го минимизира инцидентот, тврдејќи дека станува збор за шега и дека сопружниците често се задеваат едни со други на тој начин.