Менаџерот на Астон Вила, Унаи Емери, изјави дека се радува на огромниот предизвик да го врати фудбалерот Маркус Рашфорд во најдобрата форма.
Рашфорд дојде во Астон Вила на позајмица од Манчестер Јунајтед до крајот на сезоната, со опција клубот од Бирмингем да го откупи договорот.
Рашфорд го напушти клубот во кој порасна поради лошите односи со тренерот Рубен Аморим.
,,Многу сум задоволен од работата што ја завршивме во преодниот рок, многу сум среќен со Рашфорд. Имавме нормален разговор, како тренер и играч, разговаравме за фудбалот. Јас само го сакам најдобриот фудбал од него. И како човек во соблекувалната каде што едниот играч му помага на другиот”, изјави Емери, а пренесе Скај.
Рашфорд би можел да дебитира за својот нов клуб во недела, на натпреварот против Тотенхем во четвртото коло од ФА Купот.
“Тој има огромен потенцијал што можеме да го искористиме. Не сакам да ја знам причината за неговото заминување од Манчестер, но многу сум среќен што е тука. Многу сум среќен што ќе се обидам да го искористам и да му помогнам да се врати на своите најдобри игри, индивидуално и колективно. Мојот предизвик со него е огромен. Неговиот предизвик со нас е возбудлив”, изјави Емери.
Тој не сакаше да зборува за долгорочната иднина на 27-годишниот фудбалер на Вила Парк.
“Тој тренираше фантастично денес, утре повторно, има натпревар во недела. Ќе уживаме во секој чекор, а потоа иднината се гради со сегашноста. Ако се обидеме да ја добиеме иднината пред да ја изградиме сегашноста, тоа е невозможно, ако го направиме тоа, ќе пропаднеме”, рече Емери.