Епизода од „Саут Парк“ во која се исмејува Чарли Кирк, десничарскиот активист и сојузник на Доналд Трамп, кој беше убиен во среда додека држеше говор на еден настан, е повлечена од „Комеди Централ“.
Епизодата насловена како „Got a Nut“ премиерно се прикажа на 6 август оваа година, каде што ликот Клајд Донован дава навредливи изјави во подкастот.
Потоа поставува маса во основното училиште „Саут Парк“ за да ги „уништи разбудените либерални ученици“, повикувајќи ги своите соученици да го земат микрофонот и да му докажат дека греши.
Во епизодата, друг лик од „Саут Парк“, Ерик Картман, подоцна се бори со Донован и го зазема неговото место облечен во облека и фризура слична на онаа на Кирк. Донован на крајот ја доби „Наградата Чарли Кирк за млади мајстори дебатери“.
Според американските медиуми, репризата беше закажана за среда навечер, но сега е трајно отстранета од ТВ-програмата на „Комеди Централ“. Сепак, таа сè уште е достапна на барање на платформата „Парамаунт+“.
Кирк во јули за „Фокс њуз“ изјави дека „малку се насмеал“ кога го видел трејлерот за епизодата. Додаде дека го гледал „Саут Парк“ кога бил во средно училиште и дека го сметал за „значка на честа“ што сега е прикажан во серијата, која ја опиша како „прекршител на еднаквите можности“.
„Малку е смешно и на некој начин го покажува културното влијание и резонанца што нашето движење успеа да ги постигне. Јас го гледам ова како значка на честа“, рече тој во јули.
За потсетување, Чарли Кирк беше убиен додека беше домаќин на универзитетски настан за организацијата „Turning Point USA“, која тој беше ко-основач.