– Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во писмо упатено до поглаварот на Римокатоличката црква и Ватикан, папата Франциск, наведе дека човештвото повеќе не треба да дозволи кршење на меѓународното право и меѓународното хуманитарно право во Газа, јави агенцијата Анадолија.
Дирекцијата за комуникации на турското претседателство соопшти дека „Ердоган испратил писмо за Палестина до папата Франциск“.
Писмото на папата Франциск му го врачи шефот на Управата за верски прашања на Турција, Али Ербаш за време на неговата посета на Ватикан, а во писмото Ердоган изразува задоволство од постепеното унапредување на односите меѓу Турција и Ватикан.
Ердоган наведе дека „Турција, под мотото на хуманитарната дипломатија, го поддржува територијалниот интегритет на Украина од 2014 година, кога се случи илегалната анексија на Крим, и дека била и продолжува да биде на чело во одбраната на правото на живот и праведна борба на невините палестински цивили“.
Истакнувајќи дека Турција стана втора земја која обезбедува најголема помош за Газа, со речиси 45.000 тони хуманитарни залихи испратени од 7 октомври 2023 година, Ердоган рече дека во неговата земја продолжува лекувањето на 429 пациенти и повредени лица од Газа, меѓу кои има и христијани, придружувани од уште 450 лица.
„Човештвото, свесно дека убивањето е забрането од сите аврамски религии, повеќе не треба да дозволи кршење на меѓународното право и меѓународното хуманитарно право во Газа. Треба да го дигне гласот против намерното бомбардирање болници, училишта, џамии и цркви, кои не смеат да се напаѓаат ниту во услови на војна. Не е можно да се воспостави траен мир и стабилност на Блискиот Исток без праведно решение за палестинско-израелското прашање. Неопходно е создавање независна, суверена и географски интегрирана палестинска држава во рамки на границите од 1967 година со Источен Кудс (Источен Ерусалим) како главен град, и да го заземе своето место во глобалниот систем како рамноправен член на меѓународната заедница“, наведе Ердоган во своето писмо до папата.
Како што пренесува Анадолија, Ердоган укажа и на неодамнешните тенденции кои го загрозуваат меѓуопштествениот мир и стабилност како што се антиисламизмот, расизмот и ксенофобијата кои се шират низ светот.
„На нашиот свет му е потребна инклузивна и рационална политика, како и актери кои можат да воспостават дијалог со сите страни во сите околности. Тоа ни е потребно повеќе од кога било досега во историјата. Во рамките на ова разбирање, ние сме одлучни и понатаму да го развиваме нашиот дијалог и соработка со Ватикан со цел ширење на културата на мирољубива коегзистенција и меѓусебно разбирање засновани на нашите заеднички човечки вредности и нашата цел да му служиме на светскиот мир“, порача Ердоган.