Ердоган ги предаде клучевите на обновените куќи разорени во земјотресите

Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, вчера им ги предаде на сопствениците клучевите на обновените куќи што беа уништени во разорните земјотреси, а потоа беа обновени за само 60 дена.

Ердоган заедно со Девлет Бахчели, претседателот на Партијата за национално движење (МХП), престојуваше во турскиот град Газиантеп, каде во селата погодени од земјотресите вчера беше извршено предавање на клучевите на обновените станбени единици.

„Ќе продолжиме да работиме, не дозволувајќи никој да нè попречува, сè додека нашата земја ја направиме отпорна на природни непогоди“, рече Ердоган, пренесе ТРТ Балкан.

Тој потсети дека вчера бил точно 75. ден од разорните земјотреси и дека ги посетиле сите подрачја погодени од земјотресите.

Ердоган рече дека за 45 дена се завршени 10 станбени единици, чии клучеви им беа предадени на нивните сопственици по 60 дена откако е положен камен-темелникот.

„Посакувам овие куќи, кои со својата автентична архитектура, конструкција и сите други карактеристики се навистина убави зданија, да бидат од корист на домаќинствата“, рече Ердоган.

Тој додаде дека во тек е процесот на градба на повеќе од 105.000 станбени единици во подрачјата погодени од земјотресите.

„Досега го започнавме процесот на изградба на повеќе од 105.000 станбени единици (во погодените подрачја). За речиси половината од нив поставивме камен-темелник“, информираше претседателот на Турција.

Ердоган зборуваше и за идните планови во контекст на заштита од земјотреси и кога станува збор за Истанбул.

„Неодамна со нашата нација споделивме добри вести за новата кампања за урбана трансформација на Истанбул. На нашите браќа и сестри во Истанбул, кои живеат во различни згради, им го претставивме предлогот со кој половината од трошоците од обновувањето ќе го покриеме ние како држава, а втората половина е многу поволна условна позајмица. Цел ни е да не оставиме ниту една ризична зграда во Истанбул во петгодишната трансформација на околу 300.000 станбени единици годишно, со студијата што треба да се спроведе“, подвлече претседателот Ердоган.