Европската Унија (ЕУ) се обидува да се оддалечи од Туркије, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, коментирајќи го извештајот на Европскиот парламент за Туркије за 2022 година, и порача дека Анкара ќе ги направи неопходните проценки и дека може, доколку биде потребно, да ги раздели патиштата со ЕУ.
Ердоган говореше на прес-конференција во Истанбул пред неговото заминување на состанокот на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк следната недела.
Осврнувајќи се на процесот на пристапување на Туркије во Европската Унија, Ердоган рече дека Анкара ќе ги направи неопходните проценки за последниот развој на случувања.
„По овие проценки, можеме да ги разделиме патиштата со ЕУ ако биде потребно“, порача Ердоган.
Коментирајќи го извештајот на Европскиот парламент за Туркије за 2022 година, Ердоган рече дека „ЕУ се обидува да се оддалечи од Туркије.
Турскиот претседател се осврна и на процесот на пристапување на Шведска во НАТО, уште еднаш порачувајќи дека Шведска мора да ги исполни своите обврски.
„Пред сé, Шведска мора да ја исполни својата должност. Не е доволно да се подготви закон, тој мора да се спроведе. Ако дозволуваат демонстрации на терористите под заштита на шведската полиција, тоа значи дека не ги исполнуваат своите обврски“, рече Ердоган и додаде:
„Западот упорно вели ‘Шведска, Шведска’. Ние велиме дека не можеме да кажеме ‘да’ или ‘не’ додека нашиот Парламент не одлучи“.
Туркије го прошири предлогот за водење тринасочни преговори за азербејџанскиот регион Карабах, вклучувајќи ги двете земји и соседна Ерменија, истовремено изразувајќи подготвеност за четиринасочни разговори во кои би била вклучена и Русија, изјави денеска Ердоган.
„Ние им го пренесовме (на Азербејџан и Ерменија) нашиот предлог за трилатерален состанок под наше водство. Освен трилатералниот пристап, дадовме и четиристран предлог“, рече Ердоган.
Тој истакна дека за тоа сé уште нема одговор, напоменувајќи дека за тоа ќе разговара со својот азербејџански колега Илхам Алиев.