Ердоган изјави дека повеќе нема да се кандидира за претседател: „Турција се менува“

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека нема намера повторно да се кандидира за претседател, нагласувајќи дека на земјата ѝ е потребен нов устав што ќе го одразува духот на модерното време и демократските вредности.

„Немам намера повторно да се кандидирам за претседател. Нашата единствена цел е да го подобриме угледот на нашата земја. Турција се менува, светот се менува. Живееме во нова ера. Дали мислите дека во таков динамичен свет можеме да напредуваме со устав создаден во времето на пучот, кој сè уште го зрачи менталитетот на пучистите? Турција повеќе не може да продолжи напред со таков устав. Ни треба устав што ќе го предлагаат цивили, а не пучисти“, рече Ердоган.

Ердоган долго време се залага за усвојување на нов устав, кој, како што тврди, би бил „подемократски, поцивилизиран и во согласност со современите потреби на општеството“.

Сегашниот турски устав е усвоен во 1982 година, по воениот удар во 1980 година, и иако е изменет неколку пати, критичарите тврдат дека тој сè уште носи обележја на авторитарен систем и логика на воен удар.

Опозицијата, од друга страна, често изразува сомнежи во намерите на Ердоган, тврдејќи дека неговите реформи служат за зајакнување на личната моќ и задушување на независните институции. Сепак, неговата изјава за повлекување би можела да отвори простор за нова политичка динамика, особено пред следните претседателски и парламентарни избори.

Ердоган беше избран за претседател на Турција по трет пат во 2023 година и ќе остане на таа позиција до 2028 година.

Аналитичарите проценуваат дека прашањето за новиот устав би можело да стане централна тема во наредните години, бидејќи обликувањето на уставната рамка ги одредува и правилата на политичката борба во Турција по Ердоган.