„Ќе го научиме Западот дека навредувањето на светињите на муслиманите не е слобода на мислење“, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, коментирајќи го вчерашното палење на примерок од Куранот во Шведска.
Ердоган присуствуваше на прославата на Курбан бајрам со членовите на Партијата за правда и развојот (АК Партија) во Истанбул и зборуваше за актуелните настани. Меѓу другото, тој го коментираше вчерашниот инцидент на палење на примерок од Куранот во Стокхолм, главниот град на Шведска.
„Оние кои го прават ова злосторство, кои го дозволуваат под превезот на слободата на мислата, кои замижуваат пред оваа подлост, нема да ги постигнат своите цели. Ќе реагираме најостро додека не се започне решителна борба против терористичките организации и непријателите на исламот“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека е неопходно да се знае дека Турција никогаш нема да подлегне на политиката на провокација или на политиката на закани.
„На крајот, ќе ги научиме западните споменици на ароганцијата дека навредувањето на светињите на муслиманите не е слобода на мислење“, заклучи Ердоган.
Вчера, лице идентификувано како Салван Момика, по потекло од Ирак, запали копија од Куранот под полициска заштита пред џамија во Стокхолм.
Шведскиот апелационен суд на 12 јуни ја потврди одлуката на понискиот суд за поништување на забраната за палење на Куранот, пресудувајќи дека полицијата немала правна основа да спречи два протести за палење на Куранот претходно оваа година.
ТРТ БАЛКАН