– Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, порача дека властите на земјата нема да дозволат никому повторно да го оживее мрачниот менталитет на протагонистите на пучистичкиот процес познат како „28 февруари“.
Процесот попознат како „28 февруари“ во турската политичка историја е запишан како „постмодерен воен удар“, а се случи на денешен ден пред 27 години.
„Нашиот народ никогаш не ги заборави и нема да ги заборави пучистите и оние што ги поддржуваа, кои на 28 февруари ги нападнаа единството, солидарноста, демократијата и волјата на народот. Никому нема да му дозволиме повторно да го оживее мрачниот менталитет од 28 февруари во нашата земја“, порача Ердоган во порака на социјалните мрежи.
Процесот „28 февруари“ започна откако Советот за национална безбедност на Турција на 28 февруари 1997 година донесе низа одлуки што често се нарекувани и постмодерен воен удар против Владата на тогашниот премиер на Турција, Неџметин Ербакан, и тогашната шефица на турската дипломатија, Тансу Чилер.
Меморандумот на воениот врв на Турција усвоен во 1997 година резултираше со мешање на војската во извршната власт и колапс на тогашната Влада.
Пред да поднесе оставка Ербакан беше принуден да потпише сет реформи во кои, меѓу другото, беше вклучена и забрана за пристап на жените со шамии во јавните институции и затворање на верските училишта.