Ердоган не им простува на демонстрантите: Повеќе од 1.100 луѓе кои протестираа во Турција се уапсени (ФОТО)

Повеќе од 1.130 демонстранти се уапсени во Турција од почетокот на бранот протести предизвикани од приведувањето на водечката опозициска фигура, опозицискиот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу , во средата, соопштија денеска властите.

Јавните собири се привремено забранети во три поголеми градови во земјава.

„Од 19 до 23 март беа уапсени 1.133 осомничени во врска со незаконски активности“, напиша турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на платформата Х.

Турското здружение за човекови права денеска соопшти дека десет турски новинари биле уапсени во Истанбул и Измир во нивните домови, меѓу кои и фотограф на агенцијата Франс прес.

Апсењето на новинарите дојде еден ден по обновените протести поради приведувањето на градоначалникот на Истанбул под обвинение за корупција.