Ердоган: Оние кои нема да ги запрат израелските воени злосторства и геноцид, ќе сносат одговорност

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека оние кои нема да ги запрат израелските воени злосторства и геноцид, порано или подоцна ќе сносат одговорност пред историјата и совеста на човештвото, известува Анадолу.

„Оние кои убиваат деца, охрабрени од силите на кои се потпираат, ако даде Господ, ќе се удават во крвта на невините“, рече Ердоган за време на ифтар во главниот град Анкара.

Тој повтори дека Туркије ги поддржува Палестинците „со сите сили“ и останува решена да биде „на вистинската страна на историјата“.

Повеќе од 700 Палестинци се убиени, а над 900 се ранети во ненадејната воздушна кампања врз Газа што Израел ја започна во вторникот, прекршувајќи го договорот за прекин на огнот и размена на затвореници што стапи на сила во јануари.

Речиси 50.000 Палестинци се убиени, главно жени и деца, а повеќе од 112.000 се повредени во бруталната израелска воена кампања во Газа од октомври 2023 година.