Ердоган: „Отворено велам дека Израел е терористичка држава“

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека Израел е терористичка држава.

Ердоган го истакна ова на состанокот на парламентарната група на Партијата за правда и развој (АК Партија) во Анкара.

„Израел спроведува стратегија за целосно уништување на еден град, заедно со луѓето во него. Отворено и со чиста совест велам дека Израел е терористичка држава“, нагласи Ердоган.

Ердоган, повикувајќи го Нетанјаху, рече: „Имаш атомска бомба, нуклеарно оружје и со тоа се закануваш. Што и да имаш, знај дека си во заминување.“

„Ако Израел продолжи со масакрите на ваков начин, од целиот свет ќе биде регистриран како проколната терористичка држава“, нагласи Ердоган.

Осврнувајќи се на Хамас, Ердоган додаде: „Без оглед што некому му пречи, никогаш не се двоумиме да истакнеме дека припадниците на Хамас се отпорот кој се обидува да ја заштити својата татковина и своите животи.“

Турскиот претседател говореше и за резолуцијата на Обединетите нации (ОН) за Газа.

„Телефонски ќе ги повикаме лидерите на земјите што беа воздржани при гласањето на резолуцијата за Газа во Генералното собрание на ОН, која беше усвоена со 121 глас ‘за’ “, додаде Ердоган.

Генералното собрание на ОН на 28 октомври усвои резолуција со која се повикува на „итен и траен хуманитарен прекин на огнот“ во Газа.

На гласањето за резолуцијата поднесена од речиси 50 земји, меѓу кои Турција, Палестина, Египет, Јордан, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), воздржани беа 45 земји.

Резолуцијата, меѓу другото, ги осудува „сите акти на насилство врз палестинските и израелските цивили, вклучително и сите акти на терор и неселективни напади, како и сите акти на провокација, поттикнување и уништување“.

Покрај тоа, Ердоган зборуваше и за преземените чекори за судење на израелските политички и воени лидери пред меѓународните судови.

„Турција ќе преземе чекори за да осигури дека политичките и воените лидери, кои немилосрдно ги масакрираат жителите на Газа, ќе се соочат со судење пред меѓународните судови“, додаде тој.

Турскиот претседател Ердоган ја истакна и својата поддршка за Палестина.

„Ѝ даваме секаков вид видлива и невидлива хуманитарна поддршка на Палестина на билатерална основа, а ќе продолжиме да работиме и на изолација на Израел на меѓународната сцена“, рече Ердоган.