Ердоган: “Продолжен договорот за извоз на украинско жито од црноморските пристаништа“

Договорот за извоз на украинско жито од црноморските пристаништа, кој требаше да истече денеска, е обновен, соопшти претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Договорот за коридорот за жито требаше да истече денеска. Како резултат на нашите преговори со двете страни (Русија и Украина), обезбедивме продолжување на овој договор“, изјави Ердоган во обраќање во западниот град Чанакале.

Тој им се заблагодари на Обединетите нации за напорите за продолжување на овој договор, објавија турските медиуми.

Украинскиот министер за инфраструктура Олександр Кубраков изјави дека договорот е продолжен за 120 дена.

Русија првично побара договорот да биде обновен за само 60 дена, половина од рокот на претходното продолжување, додека Украина настојуваше за 120 дена.

Црноморската иницијатива за жито, со посредство на Обединетите нации и Турција во јули минатата година, овозможува извоз на жито од три украински пристаништа. Таа беше продолжена во ноември и е во сила до 18. март.

житоРеџеп Таип ЕрдоганРусијаТурцијаУкраина