Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повика на притисок врз Соединетите држави да ја прекинат израелската офанзива во Газа, истовремено нагласувајќи дека нема да има договор додека Вашингтон не ја признае областа како палестинска земја.
„Треба да разговараме со Египет и со земјите од Персискиот залив и да извршиме притисок врз Соединетите Држави“, им рече Ердоган на турските новинари во авионот што се враќаше од самитот во Ријад. „САД треба да го зголемат притисокот врз Израел. Западот треба да го зголеми притисокот врз Израел… За нас е од витално значење да постигнеме прекин на огнот“, рече тој.
„Не можеме да се согласиме со г-дин Бајден“
„САД се најважната земја што ќе биде вклучена во ова, бидејќи има влијание врз Израел“, повтори Ердоган, појаснувајќи дека нема да го повика американскиот претседател Џо Бајден. „Не можеме да се согласиме со г-дин Бајден кога тој пристапува кон конфликтот на таков начин што ја смета Газа за земја на доселениците или земја на Израел, а не земја на палестинскиот народ“, рече тој.
Тој нагласи дека Европската унија размислува исто како Израел, кога е во прашање Хамас. „Но, ние не размислуваме како нив. Јас го сметам Хамас за политичка партија која победи на изборите во Палестина. Не ги гледам работите како нив “, рече тој.
Самит во Ријад
Вчера, на самитот во Ријад, лидерите на арапските и муслиманските земји ги осудија „варварските“ акции на израелските сили во Газа, но се воздржаа од најава за казнени економски и политички мерки против Израел.
Во работата на самитот учествуваа претставници на Арапската лига и на Организацијата за исламска соработка (ОИЦ). Самитот предизвика регионални поделби околу тоа како треба да се одговори на конфликтот, поради стравувањата од поширок конфликт во регионот.
Според израелските податоци, во досегашните судири на израелска страна загинале 1.200 луѓе, главно цивили, а според Министерството за здравство на Газа, со кое раководи Хамас, повеќе од 11.000 луѓе, главно цивили, загинале во бомбардирање на Газа.