Ердоган: Црноморската иницијатива за жито спречи глад во Африка

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека без спроведување на црноморската иницијатива за жито во многу земји во Африка ќе имало глад, објавија турските телевизии ТРТ-Хабер и Си-Ен-Ен-Турк.

Тој говореше на настан на турската земјоделска банка Зираат, најавувајќи многу нови мерки за поддршка на земјоделците во Турција.

Ердоган посочи дека во 21 век главната борба меѓу земјите „ќе биде за земја, вода и храна“, а знаците на овој процес, како што рече, веќе се видливи.

„Да не беше црноморската иницијатива за жито реализирана благодарение на напорите на Турција, ќе имаше глад во многу региони, а особено во африканските земји, рече тој, додавајќи дека Турција не дозволи ситуацијата да излезе од контрола и обезбеди безбеден транспорт на вкупно 33 милиони тони жито низ неговите теснеци.

Ердоган ги критикуваше западните земји за нивната политика во Африка, каде што, како што рече, поради минералите, Западот „ги раселува луѓето, започнува граѓански војни, ги поддржува диктаторите, организира државни удари“.