– Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган јасно стави до знаење дека Шведска не треба да има големи очекувања за претстојниот самит на НАТО во Вилнус следниот месец во врска со членство во Алијансата, јавија турските медиуми.
Во изјава за новинарите на враќање од посетата на Азербејџан, Ердоган рече дека пред Анкара да ја одобри кандидатурата на Шведска за членство во НАТО, Стокхолм мора да стори повеќе за да ја смири турската загриженост за тероризмот.
Според него, Турција не може да одобри собири на терористичката група Курдистанска работничка партија (ПКК) во оваа скандинавска земја, пренесува електронското издание „Дејли Сабах“.
– Во сегашните околности, не можеме да имаме позитивен став (за влез на Шведска во НАТО). НАТО не може да не принуди да ја прифатиме Шведска без да направи нешто против тероризмот. Ако не го решите ова прашање, не би можеле со радост да го одобриме членството на Шведска во Вилнус, рече Ердоган, мислејќи на претстојниот самит на НАТО, на кој Шведска се надева дека Турција ќе ја одобри нејзината кандидатура за членство.
Во Анкара денеска почна четвртиот состанок за постојан заеднички механизам меѓу Турција, Финска, Шведска и НАТО, јави агенцијата Анадолија.
Акиф Чагатај Килич, главниот советник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, претседава со еднодневниот состанок во Претседателскиот комплекс. На разговорите присуствуваат Стиан Јенсен, директор на Личната канцеларија на генералниот секретар на НАТО; Јан Кнутсон, државен секретар на шведското МНР, и Јука Саловара, постојан државен секретар на финското Министерство за надворешни работи.
Состанокот се одржува пред самитот на НАТО во Вилнус кој е закажан за 11 и 12 јули.
Финска и Шведска аплицираа за членство во НАТО веднаш откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година.
Иако Турција го одобри членството на Финска во НАТО, таа чека Шведска да се придржува до трилатералниот меморандум потпишан минатиот јуни во Мадрид за да одговори на безбедносните грижи на Анкара во врска со тероризмот, потсетува Анадолија.
Шведска усвои антитерористички закон во ноември, надевајќи се дека Анкара ќе ја одобри кандидатурата на Стокхолм за влез во НАТО. Новиот закон, кој стапува во сила од 1 јуни, им дозволува на властите да ги гонат поединците кои поддржуваат терористички организации. ј