Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека ја почитува волјата на народот изразена на гласањето во текот на вчерашните претседателски и парламентарни избори во земјата.
„Без оглед на резултатот, победник на изборите на 14 мај беше турската демократија и турскиот народ“, истакна Ердоган во објава на социјалната мрежа Твитер.
Ердоган изјави дека Народната алијанса која ја предводи тој ќе победи во вториот круг од претседателските избори на 28 мај и додаде дека се надева на историски успех.
„Давајќи и на Народната алијанса мнозинство во турскиот парламент на неделните избори, турскиот народ ја потврди довербата и вербата во нас и нашата алијанса“, додаде Ердоган.
Претходно денеска, челникот на државното изборно тело рече дека во Турција ќе се одржи втор круг од претседателските избори откако ниту еден од кандидатите не освои мнозинство на изборите одржани на 14 мај, во недела.
„Првиот круг од гласањето заврши така што ниту еден кандидат не успеал да го помине бараниот праг од 50 отсто, но сегашниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган е во водство“, рече Ахмет Јенер, претседателот на Врховната изборна комисија.
Ердоган, заеднички кандидат на Народната алијанса и неговиот противкандидат Кемал Киличдароглу, претседател на опозициската Републиканска народна партија (ЏХП) и заедничкиот кандидат на шестпартиската Национална алијанса, ќе се соочат во втор круг.
Ердоган во првиот круг освои 49,51 отсто од гласовите, а Киличдароглу беше втор со 44,88 отсто гласови.