Без нашите пријатели и сојузници ова немаше да се случи. Ова е уште еден доказ дека Северна Македонија е доверлив партнер што им помага на САД и ЕУ да постигнат регионална стабилност, изјави вечерва во Охрид, американскиот преставник за Западен Балкан, Габриал Ескобар по завршување на дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ, заблагодарувајќи му се премиерот Димитар Ковачевски и на Владата за организацијата на средбата.
Тој ги поздрави и Белград и Приштина за, како што рече, постигнатиот тежок, но неопходен договор за воспоставување на мирољубиви и предвидливи односи меѓу двете страни.
– Тоа не само што ги отвора вратите за евроатланска интеграција на двете земји, туку ја отвора и вратата на регионот за нова ера на мир, рече Ескобар.
Американскиот дипломат им се заблагодари и на претставниците на ЕУ за, како што рече, нивната напорна работа за постигнување на овој визионерски момент.
– Можам да ви кажам дека САД ќе се заложат да помогнат во спроведување (на договореното) и тоа спроведување да биде во интерес на двете земји и на регионот. Ќе сториме се што е во наша моќ за да ја поддржиме имплементацијата, и на политички, и на економски и на секој друг начин, за да направиме мирот на Балканот да биде реалност, потенцира Ескобар.
Во вилата „Билјана“ во Охрид по долги 12 часа преговори меѓу високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Жозеп Борел, специјалниот претставник Лајчак и српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, како што беше објавено беше постигнат договор за анексот за имплементација на договорот помеѓу двете земји за норнмализирање на нивните односи.