Етичка употреба на вештачката интелигенција предуслов за заштита од злоупотреби

Ограничување на генеративната вештачка интелигенција, подигнување на свеста за нејзино користење и постојано развивање на политики и начини на употреба, беа во фокусот на денешниот настан „Етичка употреба на вештачката интелигенција: Кој ја има контролата – луѓето или алгоритмите?“ што се одржа во Инокс иновацискиот центар во Скопје.

Претседавачот на Националното студентско тело, Александар Николовски, истакна дека целта на настанот е да се подигне свеста за користење на ВИ во високото образование и студентите да испратат препораки до надлежните институции за подобро користење на ВИ.

Јована Добрева, асистент на ФИНКИ при УКИМ, посочи дека е неопходно ограничување на генеративната вештачка интелигенција.

– Денеска гледаме генеративен ВИ на сите страни, како ChatGPT, но никој дава сигурност дека имаме нешто што е вистински точно. Доаѓа до момент на халуцинација каде што може да отиде во дел на расистички, политички и националистички делови кои што не се поткрепени. Тој правен дел и етиката, Европската Унија го зазема како ВИ акти, каде што треба да дадеме ограничување на генеративната вештачка интелигенција, т.е. да ја насочиме да биде само во асистивна технологија, односно технологија која што ќе може да го замени човекот низ генерациите, вели Добрева.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека на ова ќе треба да се работи постојано.

– Ова нема да биде справување еднаш засекогаш, ќе треба постојано да развиваме политики и начини на употреба на вештачката интелигенција во работењето на државната администрација но и во работењето на општеството и спречување, надминување и подобрување на состојбите. Спречување на некои несакани појави кои што може да се случат, злоупотреби што може да значат повреда на националните интереси, рече министерот.

Дополни дека во рамки на националната ИКТ стратегија која ја подготвуваат во моментов, цел столб е посветен на иновации, вештачка интелигенција и интернет на нештата.

– Се надевам дека на тој начин ќе успееме да ја исцртаме патеката со акцискиот план и стратегијата, кои ќе бидат чекорите кои што владата ќе ги преземе во насока на етичко вообличување на ВИ и нејзината употреба во јавната администрација, дополни министерот.

Настанот беше заокружен со панел дискусија на тема „Етиката на ВИ во високото образование: Навигација низ предизвици и можности“.

Настанот е организиран од германската Фондација за слобода „Фридрих Науман“ (ФНФ), Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и Националното студентско тело (НСТ). Овој настан ги обединува претставниците на универзитетите, креаторите на политики и студентите за дискусија и работилници за етичките предизвици и можности што ги носи вештачката интелигенција во високото образование.