Европската унија (ЕУ) бара од Босна и Херцеговина (БиХ) како земја кандидат да воведе визи за граѓаните на Руската Федерација.
„Очекуваме БиХ, како земја-кандидат, целосно да ја усогласи својата надворешна, безбедносна и трговска политика со политиките на ЕУ. За да функционира добро безвизниот режим со ЕУ, се очекува и БиХ целосно да се усогласи со визната политика на ЕУ, која не предвидува безвизен режим со Русија“, потврдија од Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина за Радио и телевизија на Република Српска (РТРС).
ЕУ се повикува на извештајот објавен во декември 2022 година, во кој се наведува дека Босна и Херцеговина продолжува да ги исполнува критериумите за визна либерализација со Шенген зоната, но препорачува Босна и Херцеговина „како приоритетно прашање да ја усогласи својата визна политика со листата на трети земји на кои им се потребни визи за ЕУ, особено на оние трети земји кои претставуваат ризик од нерегуларна миграција или ризик за безбедноста на ЕУ“.
Во Извештајот за напредокот на Европската комисија се посочува дека БиХ треба да воведе визи за Русија, при што се истакнува дека БиХ има безвизен режим и со Азербејџан, Бахреин, Кувајт, Оман, Катар и Турција.
„БиХ не издава визи на граница. За да има добро функционален миграциски систем во безбедно опкружување, земјата мора да ја почитува визната политика на ЕУ“, се вели во извештајот.
Реагирајќи на барањето на ЕУ за воведување визи за државјани на Русија, руската амбасада во Сараево оцени дека ЕУ „поставува премногу барања на Босна и Херцеговина“.
Во соопштението доставено до РТРС, тие наведуваат дека постојниот Договор за безвизен режим обезбедува поволни услови за развој на врските меѓу двете земји.
„Убедени сме дека сегашната правна рамка првенствено одговара на интересите на Босна и Херцеговина, една отворена земја која ЕУ се обидува да ја претвори во колонија“, велат од руската амбасада во Сараево.