– Европската унија денеска воведе нови санкции против Иран, со кои се опфатени две организации и 32 лица, вклучително и министри за култура и образование, разузнавачи и пратеници, обвинети за поврзаност со насилство врз демонстрантите.
ЕУ соопшти дека ги замрзнала имотите на две организации и 32 функционери и им забранила влез во ЕУ поради нивната вмешаност во „сериозно кршење на човековите права во Иран“.
Досега ЕУ воведе четири круга санкции за ирански функционери и организации, вклучително и министри, припадници на војската и полицијата, кои се доведуваат во врска со кршење на човековите права.
Иран од средината на септември се соочува со бран протести, кои започнаа по смртта на 22-годишната Махса Амини, која беше уапсена од полицијата поради кршење на строгите правила за облекување. Протестите станаа еден од најсериозните предизвици за иранската теократија од Исламската револуција во 1979 година.
Според тврдењата на иранските активисти, најмалку 529 луѓе биле убиени во демонстрациите, а властите уапсиле повеќе од 19.700 луѓе. Некои луѓе поврзани со протестите се погубени.