ЕУ ги ослободи средствата од првата транша за Северна Македонија

– Со Одлука за спроведување на Европската комисија за одобрување на првото ослободување на средства за Република Северна Македонија во рамките на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, одобрена е првата исплата на средства за земјата, објави Министерството за европски прашања.

Со оваа Одлука одобрени се нето-износ од околу 2,3 милиони евра како неповратна помош и како нето-износ од околу 2 милиони евра како заем кои ќе бидат достапни преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и нето-износ од околу 3,7 милиони евра што го претставува преостанатиот дел од заемот наменет за директна буџетска поддршка.

Како што соопшти Министерството, во оваа сума не се вклучени околу 3,6 милиони евра кои се наменети за порамнување на дел од средствата кои државата претходно ги доби како претфинансирање.

„Средствата се обезбедени по доставеното Барање од страна на министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кој како национален координатор за Инструментот за реформи и раст, во име на Владата на Република Северна Македонија, а преку Министерството за европски прашања, ја достави целокупната документација за чекорите од Реформската агенда 2024–2027, со рок на реализација декември 2024 година (односно февруари 2025 година)“, истакна Министерството.

„Барањето ги опфаќаше реформите во повеќе области: во делот управување со јавни финансии беа предвидени законски измени за поефикасно и транспарентно буџетско управување. Во областа енергетика беа воспоставени нови управувачки структури за спроведување на планот за праведна транзиција. Во областа деловна средина беа воведени нови правила за независност во управувањето со државните компании. Во областа владеење на правото беа предвидени мерки за редовно пополнување на позициите на судии и јавни обвинители согласно долгорочните проекции на надлежните совети“, се додава од Министерството.

Оттаму се истакнува дека според оценката на Европската комисија, целосно исполнети се два чекори, донесувањето на Законот за јавна внатрешна финансиска контрола и измените на Законот за трговски друштва.

„Ова претставува 40 проценти реализација на чекорите, односно 50 проценти во однос на средствата. За преостанатите чекори, Комисијата констатира дека не се целосно реализирани и за нив е предвиден грејс период до 24 месеци, односно до декември 2026 година. Тоа значи дека државата има дополнително време за нивна реализација и ослободување на останатите средства од вкупните алоцирани средства кои се во висина од околу 17,1 милион евра“, истакна Министерството за европски прашања на РСМ.