Европската унија планира да го блокира увозот на одредена храна за да ги заштити своите фармери, по примерот на реципрочната трговска политика на американскиот претседател Доналд Трамп, објави денеска „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори.
Европската комисија ќе се согласи следната недела да ги испита построгите ограничувања на увозот, пишува весникот, повикувајќи се на изјави на тројца неименувани официјални лица.
Меѓу првите намирници чиј увоз би бил ограничен или блокиран би можеле да бидат американските култури, како што е сојата, која се одгледува со пестициди кои земјоделците од ЕУ не смеат да ги користат, се вели во извештајот што го објави Ројтерс.
Официјален претставник на Белата куќа, на прашањето за извештајот на Фајненшл тајмс, рече дека претседателот Трамп „се бори за фер и реципрочна трговија“ и дека „ќе застане во одбрана на американските земјоделци“.
„Ќе продолжиме да бараме отворени пазари ширум светот за висококвалитетни американски производи“, рече претставник на Белата куќа.
Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот потпиша меморандум со кој наредува воведување „фер и реципрочни“ трговски тарифи за сите главни трговски партнери на САД, вклучително и долгогодишни сојузници, и им наложи на своите советници да го пресметаат нивото на царини за секоја земја.
Ова ги вклучува не само тарифите што другите земји ги наплаќаат на САД, туку и даноците што ги наплаќаат за странски производи, субвенциите што ги даваат на нивните индустрии, нивните девизни курсеви и други однесувања што Трамп ги смета за нефер.