Европската унија денеска соопшти дека доделува повеќе од 47 милиони евра за хуманитарна помош за провинцијата Северен Киву во Конго и дека планира да испрати санитетски материјал и храна во таа источна провинција погодена од судирите меѓу владините сили и бунтовничката група М23.
Европскиот комесар за управување со кризи Јанез Ленарчич рече дека ЕУ е подготвена да ги мобилизира сите неопходни средства за поддршка на хуманитарните работници, вклучително и логистика и воспоставување на хуманитарен воздушен превоз, за да се задоволат потребите на населението во Демократска Република Конго.
Со воспоставувањето хуманитарен воздушен мост организиран со поддршка на Франција и новата мобилизација на средства, ЕУ ја потврдува својата поддршка за најранливите, истакнува Ленарчиќ во соопштение.
„Авионот, кој ќе доставува помош во храна и санитетски материјал, ќе биде испратен во Гома, главниот град на Северен Киву“, рече Ленарчиќ.
„Франција ќе одвои 34 милиони евра за нова хуманитарна помош иницирана од ЕУ за провинцијата Северен Киву во Конго“, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон за време на неговата официјална посета на Киншаса.
Во провинцијата Северен Киву се зголеми нестабилноста во текот на изминатата година, најмногу поради последната голема офанзива на бунтовничката група позната како М23