– Земјите членки на ЕУ замрзнаа средства во вредност од над 200 милијарди евра на руската Централна банка, потврди официјален претставник на ЕУ.
„Земјите членки пријавија до (Европската) комисија за 200 милијарди евра имобилизирани средства на руската Централна банка“, изјави Кристијан Виганд, портпарол задолжен за правда, за новинарите на дневниот брифинг во извршното тело на ЕУ.
Тоа е првпат ЕУ да ја објави сумата на замрзнатите средства и резерви на руската Централна банка, откако последниот пакет санкции на Блокот ги обврза операторите на ЕУ да поднесат извештај до Европската комисија.
Виганд нагласи дека претставниците на ЕУ се во „интензивна работа“ за да најдат правни начини за „да ги искористат имобилизираните средства на руската Централна банка“, бидејќи, како што рече тој, ЕУ е „решена да ја натера Русија да плати за штетата што ѝ ја прави на Украина“.
Тој објасни дека една од опциите е да се искористат интересите на замрзнатите средства за помош на Украина.
Земјите членки на ЕУ во моментов го подготвуваат 11-тиот пакет санкции поради руската војна во Украина, фокусирајќи се на спроведување на постоечките мерки.