ЕУ за трговскиот договор со САД: Најдоброто што можеме да го имаме

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го бранеше постигнатиот трговски договор со Соединетите Американски Држави, нарекувајќи го „најдобриот што можеа да го добијат“ и додавајќи дека не треба да се потценува со оглед на претходните закани за воведување царини од 30% врз ЕУ.

Основна царинска стапка од 15% за стоките од ЕУ увезени во Соединетите Држави ќе се применува за повеќето стоки, вклучувајќи автомобили, полупроводници и фармацевтски производи, објави фон дер Лајен.

Во меѓувреме, договорена е нулта царинска стапка за неколку стратешки производи, вклучувајќи авиони и делови за авиони, некои хемикалии и некои лекови.

Таа додаде дека не е донесена одлука за царинската стапка за вина и алкохолни пијалоци, пишува Ројтерс .

На прашањето дали смета дека царинската стапка од 15% е добра зделка за европските производители на автомобили, фон дер Лајен рече: „15% не треба да се потценува, но тоа е најдоброто што успеавме да го добиеме“.

Европската Унија вети дека ќе купи американски течен природен гас (ЛНГ) и нуклеарно гориво во вредност од 750 милијарди долари во текот на три години.

„Сè уште имаме многу руски течен природен гас што доаѓа низ задната врата“, рече таа.

Европската комисија предложи постепено укинување на увозот на руски гас до 1 јануари 2028 година.

„Денешната спогодба гарантира безбедност во неизвесни времиња, носи стабилност и предвидливост“, додаде фон дер Лајен.