Европската комисија планира во вторник да предложи законска забрана за увоз на руски природен и течен гас во Европската унија до крајот на 2027 година, со цел постепено да се прекинат енергетските врски со Русија.
Според нацрт-документот што го виде Ројтерс, забраната формално ќе стапи на сила на 1 јануари 2026 година, со одредени исклучоци за краткорочни договори потпишани пред 17 јуни 2025 година, кои ќе важат уште една година, до 17 јуни 2026 година.
Долгорочните договори би биле раскинати најдоцна до 1 јануари 2028 година.
Како што е наведено, Комисијата ќе користи правна основа што не бара едногласност од сите членови, со што би се избегнало блокирање на земји како Унгарија и Словачка, кои продолжуваат да увезуваат руски гас и се спротивставуваат на забраните.
Комесарот за енергетика на ЕУ, Дан Јоргенсен, изјави дека предложените мерки ќе бидат доволно правно силни за да им овозможат на компаниите да се повикаат на клаузула за „виша сила“ за да ги раскинат своите договори за руски гас.
Планот, исто така, предвидува забрана за обезбедување услуги за руски клиенти на европските терминали за течен природен гас, како и обврска на увозниците да доставуваат информации за нивните договори до националните и европските власти.
Моментално, околу 19 проценти од гасот во ЕУ доаѓа од Русија, додека пред 2022 година тој удел изнесуваше околу 45 проценти.
Меѓу земјите што сè уште увезуваат руски течен гас се Белгија, Франција, Холандија и Шпанија.
Францускиот министер за индустрија Марк Ферачи изјави дека Париз ја поддржува забраната „во принцип“, но дека е важно да се обезбеди правна и економска сигурност за европските бизниси.