Ресорниот европски комесар Дидие Рејндерс изјави дека досега се собрани 65.000 можни случаи на воени злосторства, што е најголем документиран број во историјата.
Европскиот комесар за правосудство, Дидие Рејндерс, рече дека Европската Унија (ЕУ) работи на воспоставување меѓународна истражна канцеларија за воените злосторства во Украина и додаде дека со собрани 65.000 можни случаи на воени злосторства, тоа е досега најголема бројка на такви случаи во историјата.
Рејндерс одржа прес-конференција по неформалниот состанок на кој се собраа министрите за внатрешни работи на земјите на ЕУ во Стокхолм, главниот град на Шведска, која претседава со Унијата.
Тој го коментираше постигнатиот напредок во истражувањето на воените злосторства сторени во Украина.
„Правниот процес трае од почетокот на војната. Работиме од ден за ден со сите потребни правни алатки. Работиме на воспоставување меѓународна истражна канцеларија“, рече Рејндерс.
Тој нагласи дека во процесот соработуваат голем број актери, од Канцеларијата на главниот обвинител на Украина до 14 земји членки на ЕУ, од заеднички истражни тимови до Меѓународниот кривичен суд и агенцијата за кривично правосудство Европравда (Eurojust).
Наведувајќи дека Европравда ги советува цивилните организации за тоа како да се документираат воените злосторства и кршењето на човековите права, Рејндерс укажа на важноста на нова меѓународна база на податоци за снабдување и размена на докази што би можеле да се користат во идните случаи.
Рејндерс наведе и дека досега се собрани 65.000 веројатни случаи на воени злосторства, истакнувајќи дека тоа е најголем број на воени злосторства што се документирани во историјата.
Европскиот комесар за правосудство на крајот порача дека Комисијата сака да ја води споменатата мисија и дека продолжуваат дискусиите за можни механизми, како што е воведување на независен меѓународен суд.