Земјите на ЕУ прв пат по речиси две години увезле повеќе природен гас во еден квартал од Русија отколку од САД, покажува новото истражување за енергетскиот пазар што го објави бриселската консултантска компанија Бругел, пренесува ДПА.
Европската унија купила повеќе од 12,7 милијарди кубни метри од Русија и 12,3 милијарди од САД од април до јуни годинава.
Споредено со првиот квартал од 2024 година, испораките од Русија се незначително намалени, за разлика од оние од САД кои забалежале значителен пад, покажува истражувањето.
Норвешка останува најголемиот снабдувач на гас во ЕУ со 23,9 милијарди кубни метри во вториот квартал.
Русија ја држеше првата позиција сè додека не ја нападна Украина во февруари 2022 година, по што многу земји од ЕУ го намалија рускиот увоз.
Според статистиката на германската влада, Берлин веќе не купува гас од Русија. Сепак, во ЕУ, Русија се искачи на второто место на листата на добавувачи, веднаш пред САД.
Во неделното издание на весникот „Велт“, Норберт Ротген, експерт за надворешни работи на германската опозициска партија Христијанско-демократска унија (ЦДУ), повика на забрана за увоз на руски гас ширум ЕУ.
– Европејците ја поддржуваат Украина со милијарди и во исто време уплаќаат милијарди во воените ковчези на Путин – тоа не е ниту одговорно, ниту рационално ниту кредибилно, рече Ротген.
Михаел Крузе, портпаролот на Слободна демократска партија (ФДП), членка на владејачката коалиција на канцеларот Олаф Шолц, пак, повика да се плаќа дополнителна давачка за увезениот руски гас за да се зголеми финансиската и воената помош за Украина.
– Ова ќе овозможи Путин самиот да плати за отпорот против неговите варварски напади, вели Крузе.