– Европската Унија (ЕУ) ќе придонесе за поморската коалиција предводена од Соединетите Американски Држави (САД) за безбедност во Црвеното Море во услови на тековните напади на Хусите врз комерцијалните бродови.
„На вонредниот состанок на Комисијата за политика и безбедност, земјите членки се согласија да дадат свој придонес во американската операција ‘Просперитет Гардијан’“, изјави синоќа шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Борел додаде дека „неодговорните акции на Хусите се закана за слободата на пловидба во Црвеното Море“.
ЕУ ќе го интензивира споделувањето информации и ќе го зголеми своето „присуство со дополнителни поморски средства“, објасни тој.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин претходно оваа недела најави создавање на мултинационална поморска работна група која ќе се спротивстави на нападите на Хусите врз трговските бродови во Црвеното Море.
Според соопштението на САД, досега земјите на НАТО, Велика Британија, Канада, Франција, Италија, Норвешка и Холандија ветиле поддршка за операцијата „Просперитет Гардијан“ за одбрана на трговските бродови кои транзитираат меѓу Азија и Европа.
Бунтовниците Хуси во Јемен, поддржани од Иран, значително го засилија своето учество во тековниот конфликт во Појасот Газа, гаѓајќи ги бродовите во јужниот дел на Црвеното Море, велејќи дека потегот дошол во знак на солидарност со „палестинскиот отпор во Појасот Газа“.
Црвеното Море е еден од најчесто користените поморски патишта во светот за испорака на нафта и гориво.